Sunday, 5 May 2024

5 Мај- Ден на македонскиот јазик

 Го одбележуваме Денот на македонскиот јазик (5 мај).

Денес го славиме Денот на македонскиот јазик! 

На денешен ден, пред 79 години, од Народната влада на Народната Република Македонија како официјално писмо е усвоена азбуката на МАКЕДОНСКИОТ јазик.

Развојот на денешната македонска азбука датира уште со појавата на глаголицата и потоа со замената на глаголицата со кирилица и со постепено развивање и усовршување на гласовно-графичкиот систем. До 10-тиот век македонскиот јазик користел различни други писма, како што е грчкото писмо или некои сè уште недешифрирани писма, но со појавата на глаголицата се стандардизирала писменоста. Така, од 10-тиот па сè до 19-тиот век македонскиот јазик ги користел следните азбуки: глаголица, кирилица, црковно-македонско писмо, илинденска азбука. Во 20-тиот век имало и обид за запишување на македонскиот јазик и со латинична азбука, т.н. македонска абецедарска азбука која не зела широки размери и останала на локално ниво во Егејска Македонија.

Со Решението на АСНОМ од втори август 1944 година, донесено во манастирот Прохор Пчински, македонскиот јазик беше заведен како службен јазик на македонската држава. На 5 мај 1945 година, со Решение на Народната влада на Федерална Република Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик, а по два месеци, Министерството за просвета го озакони првиот правопис на македонскиот јазик.

Како што рекол Блаже Конески: ,,Јазикот е единствената наша комплетна татковина”. И како што рекол Ноам Чомски: „Јазикот не е само зборови. Тој е култура, традиција, обединување на една заедница и целата историја што ја создава таа заедница. Сето тоа е отелотворено во еден јазик“.

Затоа Македонци, негувајте го македонскиот јазик и македонското кирилично писмо! Нека ни е честит 5 мај - Денот на македонскиот јазик! 

Да не ги забораваме нашите корени и да го цениме творештвото на нашите најголеми македонски писатели.



No comments:

Post a Comment

„Како гледаме на конфликтите"- работилница

 Во рамките на активностите на Центарот за толеранција на 9.11.2024 година се одржа работилница на тема „Како гледаме на конфликтите". ...