Денес одбележуваме значаен јубилеј – 80 години од кодификацијата на македонскиот литературен јазик. Кодификацијата претставува крунски чин во историјата на секој јазик, како симбол на еден од највисоките акти на јазична, културна и идентитетска самосвест. Таа го обезбедува стандарднојазичниот модел, создава јазичен консензус во рамките на заедницата и овозможува институционализирана, официјална и културна функција на јазикот. Чинот на кодификацијата на македонскиот литературен јазик го одбележуваме на Денот на македонскиот јазик – 5 Мај, ден кога е официјално усвоена македонската азбука во 1945 г., проследено со официјалното усвојување и на македонскиот правопис еден месец подоцна, на 7 јуни 45-тата година.
Но, македонскиот јазик не се родил тогаш, во 1945-тата година, како што не се родила тогаш ни македонската нација и идентитет. Историјата на јазикот и на нацијата не се мери со административни акти, туку со долг и сложен процес на историско, културно и општествено обликување. Сè она што сме ние денес не можеме да го гледаме одделно од повеќевековниот континуитет во развојот на македонскиот јазик и на македонската нација. Генезата на македонскиот писмен јазик ја следиме уште од првите старословенски ракописи од X-XI век, кога се појавуваат првите типично македонски изоглоси, и тој развој го следиме низ вековите, со засилено навлегување на македонскиот народен јазик во ракописите од доцниот среден век и особено од крајот на XVI век. Во XIX век веќе се појавува и јасната свест за посебноста на македонскиот јазик и за неговото место во јазичното семејство на светот, свест што добива своја јасна и аргументирана експликација во делото „За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков – визионерски труд што во 1903 година ги постави темелите за самосвесно прифаќање на македонскиот јазик како посебен јазичен систем.
Тој континуитет во развојот на македонскиот јазик е потврден на Првото заседание на АСНОМ, на 2 август 1944 г. – датум на кој македонскиот јазик за првпат и официјално станува службен јазик во една држава, македонската држава – датум од историска тежина, со кој се институционализираше еден вековен стремеж. На 5 мај 1945 г. со Решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, азбука што исто така се надоврзува на претходната писмена традиција – реформираната кирилица, т.н. граѓанка, како и на графискиот систем што го користи Мисирков.
На 7 јуни 1945 г. е усвоен и правописот на македонскиот јазик, а набргу потоа следуваат и основоположничките дела на великанот на македонскиот јазик, Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Историјата на македонскиот јазик, како и тритомниот Речник – и со тоа се заокружува кодификацијата на македонскиот јазик.
Од тој момент, македонскиот стандарден јазик станува официјален јазик на македонското општество, а македонската азбука и правопис почнуваат да се користат во секојдневната јазична употреба од сите сфери на животот. Тестот на писмената практика – македонскиот јазик го положува со највисока оцена. Доказ за тоа се илјадниците дела напишани на македонски јазик со македонска азбука и правопис: и тоа од уметничка литература до врвни научни дела, од разговорен јазик до јазик на општеството, просветата, културата и медиумите.
Денес, на 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, го одбележуваме големиот јубилеј, 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик, за да му оддадеме почит на минатото и да покажеме дека го знаеме и го цениме, но исто така, и за да преземеме одговорност кон иднината – тоа што сме го стекнале со кодификацијата не треба само да го чуваме туку треба и да го негуваме и да го афирмираме и да го развиваме. Подигањето на јазичната свест значи градење на чувство за припадност и почит кон сопствениот културен идентитет. Денес, особено во ерата на глобализацијата и дигитализацијата на општеството, соочени со големото влијание на англиската лексика, па и на англиската јазична структура, наша должност е со уште поголема грижа и одговорност да му се посветиме на македонскиот јазик. Зашто тој не е само средство за наша меѓусебна комуникација – тој е гласот на нашата историја, на нашата култура и на нашиот идентитет!
Нека ни е честит јубилејот 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик!
За македонскиот јазик, Р. Г. А де Бреј вели:
„Како иронија на историјата, народот чии предци им го дале на Словените првиот литературен јазик, беа последни на кои им се призна јазикот како посебен словенски јазик, различен од соседните бугарски и српски.“ |
No comments:
Post a Comment