Thursday, 7 May 2026

Извештај за реализација на тридневна наставно-научна екскурзија за IX одделение во период од 06-08.04.2026 година

                                  

Извештај за реализација на тридневна наставно-научна екскурзија за IX одделение во период од 06-08.04.2026 година

Скопје-Охрид

Во периодот од 6 до 8 април се реализираше тридневната екскурзија за деветто одделение низ западна Македонија со туристичката агенција Кондор. Учениците беа придружувани од одделенските раководители на 9-1 и 9-2 Емилија Филипоска и Душица Алексиевски-Гулабоски. Вкупно од двете одделенија присуствуваа 39 ученици. Патувањето започна во 8:30 часот. Прва дестинација за посета беше Вруток, изворот на реката Вардар. Учениците уживаа во убавото време и кратката прошетка до изворите. Потоа се упативме кон Маврово. Направивме кратка пауза во Маврови Анови. Следна станица беше Трница. Оваа пауза ја искористивме за освежување и ужина. Потоа, после краток пат го посетивме манастирот Св. Јован Бигорски. Автобусот застана на паркингот крај патот, што им овозможи на учениците да прошетаат по патеката/улицата нагоре кон манастирот. По пристигнувањето во манастирот, учениците слушаа предавање при што се стекнаа со информации за тоа кога е изграден, какви поважни настани се случувале низ историјата и колку е манастирот важен за христијанството во Македонија и општо во светот. Запаливме свеќи за здравје и многумина од учениците купија црковни сувенири и крстена вода. На патот кон  Дебар попатно ги видовме Дебарското езеро и манастирот Рајчица. Заради недостаток на време, разгледот на манастирот беше панорамски. Во попладневните часови се упативме кон Струга, каде направивме подолга пауза за ужина и освежување. Учениците прошетаа по корзото долж реката Дрим и се одморија во кафулињата и на клупите на кејот и уживаа во пријатното време. Последна станица за првиот ден беше Охрид и хотелот каде што требаше да се сместиме, т.е. Хотел Амбасадор. Персоналот на хотелот беше многу љубезен и ни излезе во пресрет за секоја ситуација. Собите беа удобни и чисти. Откако се сместивме по соби, следуваше краток одмор, а потоа и вечера. После вечерата следуваше заедничка дружба на двете паралелки (во хотелот), а потоа дојде време и за сон.

Вториот ден на програмата беа посета на Заливот на коските и манастирскиот комплекс Св.Наум. После доручекот се спремивме и тргнавме. Во Заливот на коските учениците слушаа подетално предавање за наколната населба, какви видови на ендемични риби постоеле, од какво дрво биле изградени и сл, а потоа ја разгледаа праисториската наколна населба, влегоа во куќарките и се фотографираа. Краток одмор имавме на патот кон Св. Наум. Таму ги разгледувавме убавините на комплексот, изворите на реката Црн Дрим, а имаше и доволно време за кратко освежување и уживање во прекрасното време. Влеговме и во внатрешноста на манастирот каде што нé пречекаа познатите пауни со широко отворени пердуви, кои секогаш претставуваат атракција за посетителите. Учениците запалија свеќи за здравје и имаа можност да направат прекрасни фотографии. Се вративме во хотелот, имавме ручек, а потоа одмор. Дестинација за втората половина од овој ден беше Вевчани. Таму направивме кратка прошетка покрај Вевчанскиот извор, видовме стара воденица, а кажавме и збор- два за далеку прочуениот Вевчански карневал.  После оваа прошетка се вративме на вечера и повторна дружба на двете паралелки.

Третиот ден после појадокот, учениците ги средија собите, се спакуваа и ги ослободивме собите од хотелот. Следеше една навистина пријатна прошетка низ Охрид. Најпрво бевме во Плаошник. Учениците имаа можност да разгледаат наоколу, да влезат во црквата и да ги видат и прекрасните мозаици кои сéуште се ископуваат. Следно се придвиживме кон Св. Јован Канео, амфитеатарот и потоа преку плажата Потпеш дојдовме до центарот на градот и преку прошетка по брегот, стигнавме до Капетанијата, а потоа и до Биљанини извори. После оваа убава и долга прошетка, се вративме во хотелот на ручек. Веднаш по ручекот, појдовме назад кон Драчево. Попатно имавме само една станица за пауза и ужина на Стража. Уживавме во познатите мекици и се дружевме. Во Скопје и Драчево пристигнавме околу 18:00 часот.

Екскурзијата ги зближи учениците на двете паралелки и им овозможи нови знаења и пријатни искуства.

Одделенски раководители

Емилија Филипоска IX-1 одд

Душица Алексиевски-Гулбоски IX-2 одд










































No comments:

Post a Comment

Макета на летниковец- Техничко образование со петто одделение

  Како го замислувате летото во вашиот двор или на пикник? Прашајте ги петтоодделенците на часовите по техничко образование. Тие имаат идеја...