Showing posts with label месец на книгата. Show all posts
Showing posts with label месец на книгата. Show all posts

Friday, 14 November 2025

Литературно читање по повод затворањето на Месецот на книгата

     Денес, 14 ноември, во училницата на 5-2 одделение беше свечено. Ја претворивме училницата во мала сцена каде со тивка музика, поезија и ликовна изложба го означивме крајот на Месецот на книгата за оваа година.

    Ветивме дека секој ден, секој месец, секоја година ги прогласуваме за царство на книгата. Свечено беа прочитани и сослушани сите творби, а ја погледнавме и изложбата на ликовни дела. 

Секој од наградените ученици за своите творби доби симболична награда и диплома за освоено место. Особено се радуваме што жири комисија, покрај стручното жири, беа и учениците од 6-2 одделение кои со своето бодување на секое од делата го потврдија изборот на денешната работилница со библиотекарката. Голема благодарност до сите присутни и особено до домаќините 5-2 и нивната наставничка Лиле Велјановска, кои организираа сè. 

Погледнете галерија на слики од свечениот настан. 



























Thursday, 13 November 2025

Резултати од конкурсот „Светот меѓу двете корици“ и затворање на месецот на книгата

    И овогодинешниот месец на книгата привршува, а во него бројни активности. 
Имавме конкурс на тема „Светот меѓу двете корици“ на кој пристигнаа многу ваши творби од кои беше тешко да се направи селекција на најдобрите. Подолу се резултатите со вашите творби. Дипломите и наградите ќе бидат доделени утре, 14 ноември, во училницата на 5-2 одделение, на третиот час од втората смена, кога ќе се одржи и поетското читање и изложбата на творбите.. 
    Исто така, членството во нашата библиотека се зголеми за бројката на првачињата кои добија членски книшки со кои можат да позајмуваат од нашите бројни сликовници и книги, па сега е весело во библиотеката со нив.
    Со вторачињата беше одржана работилницата „ Што е тоа -добро? Што е тоа -лошо?“, на која творевме и читавме на глас.
    Нашата библиотека се збогати за донирани книги како:  новото тритомно издание за Рацин,  „Биографијата на Дарко Панчев“, новата книга на Маја Трајковиќ „Колку сме искрени да кренеме рака“, „Нумерус“ списание за математичари и други ваши донации. 
    Вашиот библиотекар посети неколку промоции на нови книги, како и отворените денови на конференцијата на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. 
    И секако нашите активности не завршуваат со завршувањето на месецот на книгата, затоа што за нас секој ден, секој месец, секоја година е посветена на книгата и нејзино славење.

Павел Ристoвски 5-1одд.
 Гран-при награда и за литературен и за ликовен конкурс
 Ментор: Тања Петков

Каја Златановска 2-2 одд. Прва награда
Мантор: Јасмина Лакинска

Наталија Ивановска 4-2 одд. Трета награда
Ментор: Ане Мишовска


Калина Ацевска 3-2 одд. Втора награда
 Ментор: Татјана Каранфиловска

Антонија Спасовска 5-2 одд. Втора награда
Ментор: Лиле Велјановска

Светот меѓу двете корици

Гран при-награда

 

            Книгата е мој најдобар пријател. Таа е волшебна врата. Кога ја отворам, чувствувам како да влегувам во друг свет. Зад нејзините корици се кријат приказни што постојат само во мојата детска фантазија. Секогаш кога читам, книгите ме носат на места каде што не можам да отидам со нозе, туку само со мисли.

            Затоа верувам дека во секоја книга има еден мал свет, свет што чека некое дете да го открие и запознае. А, кога ќе ја затворам книгата, тој свет останува во мене, таму меѓу двете корици на моето срце и знам дека секогаш можам да се вратам таму кога и да посакам.

 Павел Ристевски  5-1

 Ментор: Тања Петков 

 

Светот меѓу две корици

 Прва награда

Од малечка сакам да патувам. Честопати гледам емисии за земјите во светот. Видов многу убавини, кои би сакала да ги посетам, но во моментов немам многу можности. Патувањето низ светот го продолжив со читање на книги. Читајќи ја секоја страница од книгите, запознавав нови нешта. Влегував се подлабоко, некаде во нов свет. Меѓу двете корици се криеја многу нешта. Читајќи, научив многу нови работи, извлекував поуки за животот и светот што нè опкружува. Кориците на книгите не беа златни, но мене ми се чинеа дека се повредни од било кое материјално богатство. Тие во себе содржеа духовно богатство. Учев и oсознавав за државите, традициите и обичаите на луѓето кои живеат таму. Кога читав, јас не бев дома. Со мислите патував низ  светот. Осознавав за многу убавини, но и лоши нешта што го демнеат светот и во мене се буди желба да сменам нешто. Читајќи ги книгите може да се научи повеќе, отколку користејќи ги социјалните мрежи. Убаво е да се интересираш за читањето, иако на почеток текстовите ви изгледаат досадни, потрудете се да го разберете. Пишаниот збор вреди богатство. Книгите се уметнички дела од голема вредност. Авторите вложувале многу труд и време да ги создадат, денови, месеци, дури и години. Има творци, чии дела не се материјално наградени, иако заслужуваат многу повеќе, затоа бидете вие, тие што со читање на истите, ќе помогнете делото да си го добие заслуженото место во сечија домашна библиотека. 

Читам многу, но омилено дело ми е ,,Пипи долгиот чорап“. Со авантурите на Пипи, Аника и Томи, јас се забавував. Како да бев дел од нив. Кај мене растеше желбата да станам писател, можеби како Ханс Кристијан Андерсен, Браќата Грим, Оливера Николова, Видое Подгорец и многу други. Којзнае, можеби моето прво светско дело, ќе го носи насловот ,,Светот меѓу две корици“.

Пробајте и вие да напишете нешто, но не само со умот, туку и со срцето, зашто само така ќе допрете до сечија душа. Обидете се!

Ученик:  Меланија Георгиева V2 одд.

Ментор : Лиле Велјановска

 

 

Светот меѓу двете корици

 Втора награда

За Итар Пејо секој знае,

 За неговите трикови за кои не се кае.

Прав шегаџија со голем ум,

Меѓу тие корици сакам  јас да сум.

Како детето Вилен со срце чисто,

 шетајќи низ шумата,

не плашејќи се од ништо,

посакувам неговата храброст да ја имам

 и меѓу тие корици јас да бидам.

За Петар Пан и пријателите

Кои бегаат од Капетанот Кука

На кои возбудено срцето им чука

 Јас би им помогнал без најмала бука.

 Во тие светови

Си има по некој лик главен

Додека јас посакувам да сум

Писател славен.

Светот меѓу страниците ме мотивира,

Светот меѓу страниците ме инспирира,

Светот меѓу кориците ме воодушевува,

Светот меѓу кориците секој го заслужува.

 Никола Деспотовски 5-2

Ментор: Лиле Велјановска

Светот меѓу двете корици

Втора награда

 

Меѓу шарените корици,

Се крие магија над магиите,

Бескрајна ливада на знаење и зборови,

Бистра река на мисла низ долината.

 Меѓу страниците се буди креативноста,

Се буди љубовта кон зборот, се будам јас,

Заспана од сонот.

Станувам научник што открива нови нешта,

 Станувам планинар што се искачува на високите врвови,

Станувам доктор што прави чуда.

Го шетам целиот свет,

Ја видов Африка, Индија, Кина,

 Пандите како играат, лавовите како ловат и

 крокодилите како пливаат.

 Видов јас сè меѓу кориците и се подготвив

 За нова авантура.

 Бисера Димоска 3-2

 Ментор: Татјана Каранфиловска 

Светот меѓу двете корици

Трета награда

 Запознајте го мојот свет,

 Тој е шарен како цвет,

Исполнет со басни и сказни

Со многу приказни разни.

Запознајте го мојот пријател,

Тој книга се нарекува,

Со многу херои ме има запознаено,

 За нивните авантури имам од него дознаено.

Верувајте му од збор до збор,

 тој не знае да лаже,

 но има многу интересни работи

тој да ви каже.

Петар Деспотовски 3-1

Ментор: Анета Георгиева

Светот меѓу двете корици

Трета награда

Две корици, две света

што означуваат почеток и крај,

А меѓу нив стихови бројни

Распослани во сиот свој сјај.

За слобода, другарство, за шеги,

 За љубов, за татковината,

Книгата може да збори

 И различни чувства кај нас да створи.

Помеѓу две корици

Големи мудрости се збрани,

Убав пишан збор и знаење

 Пресликано на сите страни.

Големо богатство и записи

Во книгите се кријат,

Безброј зборови, стихови

И убави мисли во нив спијат.

Евгенија Станковска 5-2

Ментор: Лиле Велјановска



 

Monday, 14 October 2024

Месец на книгата 2024

Повторно сè мириса на книги. Оваа есен од 15 октомври  до 15 ноември е повторно Месецот на книгата. Во текот на овој месец библиотеката на училиштето заедно со наставниците по македонски јазик планираат бројни активности. Најпрво го поставуваме прашањето: „Што читате и кои книги оставиле траен впечаток кај вас?“

Потоа, ќе ставаме оценки  на прочитаните книги досега и во текот на месецов, а за затворањето на Месецот на книгата ќе ги прогласиме и „книгите победнички“ според вашата ранг листа. Повелете во библиотеката да си земете нова книга за читање и листа за прочитани книги, која ќе ја пополните и ќе ја вратите на крајот на овој месец. Според анализата на вашите податоци ќе има и симболични награди за најдобрите читатели.

Со задоволство го прогласуваме Месецот на книгата за отворен и посакуваме многу прочитани книги и трајно другарување со книгите.





Wednesday, 18 October 2023

Мисли за книгата

 По повод месецот на книгата   III 1 напишаа убави мисли за книгата!














 


Поетско читање за отворање на Месец на книгата

 

 Месецот на книгата во нашето училиште започна свечено. На отворањето се почестивме со стихови на врвни македонски поети, со видеа снимени од седмоодделенците под менторство на нивната наставничка м-р Валентина Трајкоска. Во исто време стиховите се слушаа и гледаа на објавата од нашиот весник „Наш збор“ и во училниците на 6-1 и 6-2 одделение каде тие и твореа, па така нашето поетско читање се одвиваше на повеќе простори и пред поголема публика претворајќи се во поетска работилница. 
Потоа збор зедоа и младите поети во нашето училиште. Учениците кои учествуваа на повеќе конкурси надвор од училиштето ги прочитаа своите наградени творби и ги врачивме добиените дипломи. 
Крајот на поетското читање беше зачинето со изненадување од вредните 5-2. Имено, тие направиле другарка за нашиот Читко кој ланската година се всели во библиотеката, а која сега ќе живее во библиотеката заедно со него. 
Со задоволство го прогласуваме Месецот на книгата за отворен и посакуваме многу прочитани книги и трајно другарување со книгите.






















































































,,Зборот на Кирил и Методиј – секогаш живее во мојата приказна”- награда на конкурс

,,Зборот на Кирил и Методиј – секогаш живее во мојата приказна”-  награда на конкурс  Малку задоцнето, но убавите вести се секогаш добредојд...