Thursday, 19 December 2024

Воведен збор на уредниците за петтиот број на весникот „Наш Збор“

 

Драги читатели, 

Пред вас е уште еден број на училишниот весник, посебен по тоа што во него ќе се задржиме најмногу на одбележувањето на стогодишнината од постоењето на нашето училиште и 80 години од одржувањето на настава на мајчин, македонски јазик.

Пред да започнам, морам да напоменам дека ова што сакам да ви го раскажам не може да се објасни со зборови, може само да се доживее и почувствува.

Но, сепак ќе се обидам да ја доловам сликата на големиот патронен ден, на тема „Портрет на едно училиште што дише“. Прославувањето на 100 годишното постоење на нашето училиште и 80 години настава на македонски јазик во него, беа два големи јубилеја, тоа беше  прослава за цел еден век постоење!

Да, тоа не беше само еден ден празнување во чест на големиот ден. Ние учениците заедно со наставниците и сите вработени во училиштето цел месец имавме најразлични активности.

Учениците твореа ликовни и литературни творби, а најдобрите беа наградени. Се организираа и натпревари во фискултурната сала, како и пешачење во кое покрај ученици и вработени беа вклучени и поранешни ученици и родители. 

Нашите наставници како и сите други вработени во училиштето во чест на патрониот празник цел месец носеа исти маички во иста боја на кои имаше напишано за сто годишнината.

Сите вредно работеа, а воедно и уживаа во активностите кои се реализираа и во кои учествуваа ученици од сите генерации, сегашни и поранешни во најразлични активности. Сите дадоа свој придонес на различен начин. Долго се подготвувавме и за денот на прославата на која имаше покането многу гости. Имаше подготвено и покани за гостите, но и мали подароци како пенкало за секој гостин на кое беше испечатено името на училиштето и 100 годишнината, чаша за секој ученик со логото на училиштето, се доделија и благодарници на соработниците на училиштето. Беше изработена и Монографија која е испечатена во 200 примероци.

И големиот ден, ден кој вечно ќе остане врежан во нашите сеќавања, но и ден кој измами многу спомени, ден кој растрепери многу срца, а и по некоја солза радосница. До последното место се исполни салата во Домот на културата во с. Драчево каде што се одржа приредбата. Таа беше организирана во три периода од: минато, сегашно и идно време. Сцената беше магична, прекрасно уредена и се започна со химната на Македонија, потоа и химната на училиштето. Целата приредба беше низ раскажувањето на еден дедо (професорот Велко Тодевски) и две деца (Теона и Димитар), кои раскажуваа спомени, но зборуваа и за сегашни и идни настани. После секој нивни разговор следуваше сцена на која тоа сликовито се раскажуваше. Имаше драматизација за Климент, настап на КУД Китка, драматизација за времето кога се учело на српски јазик, настапи хорот со песната Ој девојче, девојче, потоа драматизација со пионерите, ритмичка точка – Лична Македонија, видео со поранешни ученици кои сега се во други земји, ритмичка точка – Мојата учителка , драматизација за иднината, говор на директорката, говор на градоначалникот, се набројаа и познати личности кои се поранешни ученици на нашето училиште и имаше настап на наставниците и учениците со песната Посебен ден.

Владееше топлина, емоции испреплетени со носталгија и среќа. Но и верба и ветување дека традицијата ќе продолжи, да го сакаме и чуваме нашето училиште. да се гордееме со него, но и тоа со нас. На едно место многу генерации, баби, дедовци, мајки, татковци, поранешни и сегашни ученици и наставници, наши наставници, наставници на нашите родители...
Прекрасен настан кој може само да се доживее, да се почувствува, кој ја исполнува душата со топлина, но и со гордост.

 Горд сум што сум ученик во основното училиште ,, Св. Климент Охридски“ во с. Драчево.

 

                                                                                                  Матеј Јаневски VI - 2

No comments:

Post a Comment

Читател на месецот декември

Овој месец читател на месецот е Матеј Младеновски од 2-1 одделение. Честито и уште повеќе прочитани книги ти посакуваме, Матеј!