Friday, 19 May 2023

НОВО Дополнето издание- Импресии на петтоодделенците од наставата во природа

Во периодот од 8 до 12 мај во рамките на програмата на училиштето беше изведена пет- дневната настава во природа, за која учениците ги напишаа своите импресии. Најдобрите четири извештаи на учениците и извештајот на одделенскиот наставник Марина Божиновска Тасевска се презентирани на објавава на блогот.


Импресии од наставата во природа

напишано од Калин Тодороски V3 одд.

 

После долго зборување и исчекување за изведување на екскурзијата, дојде и тој ден.

Во неделата бев многу возбуден и среќен за едно долго и дружељубиво патување кон Охрид. Претпоставувам дека сите мои другарчиња, беа исто така возбудени како и јас. Мојот куфер веќе беше подготвен. Вечерта не можев да заспијам, бидејќи мислите ми беа насочени кон долго очекуваното патување.

Наредниот ден, се поздравив со моите родители и тргав кон автобуската станица. Кога дојдов на местото од кое требаше да тргнеме, моите другарчиња веќе беа пристигнати. Почнавме со разговор, кој беше прекинат со пристигнувањето на големиот туристички автобус. Наставничката ни го кажа редоследот на седење, сите се сместивме и автобусот тргна да не вози на едно возбудливо патување. За тој ден, беа предвидени четири дестинации да посетиме. Првата дестинација беше Шарената Џамија во Тетово. Таа беше многу шарена, токму таква како што е и нејзиното име. Влеговме во дворот на џамијата и водичот ни ја кажуваше историјата за нејзиното постоење. Интересен момент ми беше кога ни кажа дека обичај кај муслиманите е кога влегуваат во џамијата, да ги соблекуваат чевлите и тоа само мажите, а жените не смееле да влегуваат заедно со мажите. Се уште под импресии, излеговме од џамијата и се упативме кон наредната дестинација, с.Вруток , местото каде што се наоѓа изворот на нашата најголема река Вардар. Изворот беше прекрасен и живописен. Меѓу многуте риби, кои спокојно си пливаа во водата, ја видовме и златната пастрмка. Водичот ни кажа некои информации за Вруток и потоа се упативме кон наредното место за посета , манастирот ,,Св.Јован Бигорски,, и ,,Св.Ѓорѓија,, во с. Рајчица. Два прекрасни манастири, вгнездени во прегратките планината Бистра, покрај пенливата река Радика. Стигнавме до местото , каде се симнавме од автобусот и до манастирот , кој се наоѓаше високо во карпата, се искачувавме пешки. Малку ни беше напорно, ама желбата да го посетиме овој величенствен споменик на историјата и нашата вера, беше поголема од нашиот замор. Кога стигнавме во манастирот, почувствувавме  благодет и душевен мир, кој го даваше самиот манастир. Внатре имавме кратка презентација од страна на еден монах од манастирот. Тој ни раскажуваше за важноста и значењето на манастирот за нашата вера. Ни кажа дека тука се наоѓаат моштите на Св.Јован. Ни кажа за иконата на Св.Јован и Пресветата мајка Богородица, кои се со голема исцелителна моќ и многу луѓе го нашле својот лек со молитва пред овие две икони.  Опиени од убавината на манастирот, си заминавме со уште поголеми импресии од едно вакво велинченствено дело . Попатно го посетивме и манастирот ,,Св.Ѓорѓија,, кој се наоѓа на пат кон Дебар. И тој манастир си имаше своја убавина. Воодушевени од се она што дотогаш видовме, го продолживме патот кон Охрид. Бевме во исчекување да го видиме хотелот во кој ќе престојуваме. Конечно, во попладневните часови стигнавме во хотелот и се сместивме во своите соби. Вечерта малку другарувавме, малку галамевме и во ноќни часови, после долгиот возбудлив ден, легнавме да се одмориме.

Вториот  ден тргавме кон  Самуиловата тврдина.За да стигнеме до неа, требаше да се искачиме по многубројни скали. Тврдината беше огромна, но дождот и лизгавиот терен , не ни дозволија да ја видиме сета нејзина убавина. Но сепак успеавме да доловиме барем дел од нејзината убавина. Потоа бевме и во Плаошник. Двете места беа прекрасни и имаат историска вредност.Враќајќи се кон хотелот почна да ни врне, па се вративме малку поднакиснати, но и тоа си имаше своја убавина. Вечерта во хотелот малку се одморивме и почнавме да играме друштвени игри. По долгиот и интересен ден, заспавме.

Следното утро тргнавме кон Вевчанските извори. Интересно беше што главниот извор на Вевчанските извори, извираше  од една голема пештера. Водата од изворите извираше со огромна брзина, но сепак слушајќи како тече водата, во душата се создаваше некој спокој. Опкружени со најразлична флора го вдишувавме свежиот воздух, кој чиниш ти ги прочистува градите и се трудиш да вдишиш што повеќе и повеќе. Чувството и глетката беа прекрасни. Воодушевени и опиени од убавините на Вевчанските извори, се упативме кон центарот на градот Струга, каде меѓу другото, требаше да ги посетиме природонаучниот музеј и   Спомен куќата на браќата Миладиновци.

Во музејот видовме голем број на препарирани животни и инсекти. Покрај многубројните интересни животни, посебен впечаток ми остави телето со две глави и мечката стара 100 години. Во куќата на браќата Миладиновци, кустосот ни раскажа за животот и делата на браќата Миладиновци. Потоа имавме кратка прошетка низ градот Струга. Се шетавме по течението на реката Црн Дрим. Го видовме мостот каде што се одржуваат Струшките вечери на поезијата, се качивме на мостот на заљубените  и видовме многу други интересни нешта. По прошетката се вративме во хотел и вечерта ја завршивме со забава на тема ,,Покажи што знаеш“, а јас се претставив со трик, кој ми го покажа дедо ми.

Ден четврток. Планирани посети ,,Св.Наум,, и Заливот на коските. Тргнавме во исчекување да ја видиме наковалната населба или Заливот на коските. Кога стигнавме, се воодушевивме од необичната глетка. Голем број на куќарки, од земја и слама, направени на платформа над Охридското Езеро. Љубопитно влегувавме во секоја од куќарките и можевме да видиме и да се запознаеме со начинот на живот уште во дамнешно минато. Наставничката е пошегува со нас, иако дел од нас на почеток поверувавме,  дека ќе треба секој од нас да си избере куќарка и  преспие една ноќ во истата. Откако сфативме дека тоа е само  шега, задоволни завршивме со посетата на Заливот на коските и се упативме кон манастирот ,,Св.Наум Охридски,,. Кога стигнавме таму , влеговме внатре и она што на сите ни остави посебен впечаток е верувањето дека срцето  на Св.Наум се уште чука, па за да се увериме во тоа, ќе ја ставевме главата и убаво ќе го прилепевме своето уво на неговиот гроб и навистина ќе слушневме некој звук, кој навидум наликуваше на срцебиење. Сите излегувавме вчудоневидено од таа просторија. Манастирот ,,Св.Наум Охридски,, е со посебна убавина, која ние заради лошото време, не успеавме во потполност да ја доживееме, но сепак бевме среќни и задоволни што посетивме ваков убав споменик на историјата и културата. Се вративме во хотелот и се подготвувавме за најавениот маскенбал. Ова ни беше последна вечер од оваа екскурзија.

Последниот ден- петок, на патот кон дома отидовме во Крушево. Ја посетивме Спомен куќата на Тоше Проески, македонска музичка легенда, Повозрасните во мојот дом, велат дека Тоше бил еден од најдобрите балкански пејачи. За него не знаев скоро ништо, но посетата на Спомен куќата, ми кажа многу и успеав да почувствувам барем дел од неговата музичка, а пред се ЧОВЕЧКА големина. Го посетивме и неговиот вечен дом, сместен меѓу останатите великани од историјата. Со малку натажени срца ја завршивме посетата на Крушево и си тргнавме кон Скопје. Во мене се уште одѕвонуваа ,,Цреша“, ,,Немаш ни благодарам“, „Тајно моја“ ...помислив, колку се среќни моите родители, што Тоше живеел во нивно време. Патувавме, пеевме, се смеевме и стигнавме во Драчево. Не пречека ситен дождец, кој не го ни забележавме, бидејќи веќе бевме навикнати на дожд, а и си ги видовме родителите кои, иако не сакавме да се вратиме дома, сепак ни недостасуваа.

Оваа екскурзија за нас беше  едно ново искуство и доживување, од кое имавме само полза, меѓу себе подлабоко се запознавме , научивме помалку да се расправаме, да си делиме, да другаруваме... Ќе остане уште долго, долго  во нашите сеќавања, а можеби и ЗАСЕКОГАШ!

Калин Тодороски V3 одд.

Ментор :

 Анета Георгиева

Импресии од наставата во природа

                                             напишано од Лина Крстевска V 2

        Оваа учебна година за наспеттоодделенците, беше испланирана екскурзија-настава во природа. Сите бевме многу возбудени и едвај чекавме да дојде тој ден. На 8 мај, во 08:15 часот, почна нашето патување низ Западна и Централна Македонија. 

Првата посета ни беше во Тетово, Шарената Џамија, а потоа продолживме кон Вруток кој се наоѓа под падините на Шар Планина и од таму извира нашиот Вардар. Продолживме кон Дебар и го посетивме познатиот манастир Св. Јован Бигорски. Овој манастир е познат по својот Иконостас, големите конаци и прекрасниот поглед кон шумите на планината Бистра. Го посетивме и женскиот манастир во с.Рајчица каде што се чува дел од раката на Св.Ѓорѓи. Во попладневните часови стигнавме во нашиот хотел. Се одморивме, а вечерта одлично се забавувавме. 

Вториот ден ја посетивме Самолиовата тврдина и уживавме во прекрасниот поглед на Охридското Езеро. Продолживме кон Плаошник и црквата Св. Климент Охридски, првата книжевна школа. Направивме мала прошетка во чаршијата. 

Во средата ја посетивме прекрасната Струга, Природо-научниот музеј „Д-р Никола Незлобински“ каде што го видовме телето со две глави. Ја посетивме и спомен куќата на Браќата Миладиновци и Вевчанските извори. Вечерта го прославивме мојот роденден, а другарите и наставничката ми подготвија вистинско изненадување. 

Следниот ден тргнавме кон Св.Наум, а по патот ја посетивме праисториската наколна населба во Заливот на Коските. Дознав дека во минатото живеалиштата ги граделе на вода за да преживеат и обезбедат храна. До Св. Наум не водеше патот во прекрасната природа под Галичица, а таму го видовме недопреното богатство на природата. Глетка како од бајките. Изворите на нашето езеро и прекрасниот манастир. 

Последниот ден се упативме кон Крушево, највисокиот и преубав град. Таму го посетивме музејот на Тоше и неговиот вечен дом. Тргнавме кон Прилеп, Кавадарци и Велес назад во Скопје, полни со емоции и импресии за нашата преубава Македонија.

Лина Крстевска V 2 


ИМПРЕСИИ ОД НАСТАВА ВО ПРИРОДА 

напишано од Дамјан Трпевски 5-2 одделение

 

Беше месец февруари. Нашата наставничка ни кажа една необична информација, дека на 8 мај ќе одиме на настава во природа. Сите бевме толку возбудени што не можевме да го дочекаме денот кога ќе одиме на настава во природа. Врвеа денови и денови, седмици и седмици и конечно дојде тој ден. Сите бевме подготвени и возбудени. Ние бевме на автобуската во близина на куќата на нашиот другар Јован. Во минатиот текст пишував еден ден од нашите посетувања, во овој текст ќе пишувам за сите наши посетувања.

Откога пристигна автобусот, се поздравив со моето семејство, се качив во автобусот и тргнавме. Првиот ден бевме во градот Тетово и нашата прва посета беше во една џамија која е наречена Шарена Џамија. Така е наречена по шарените цртежи на нејзините ѕидови. Потоа бевме кај изворот на реката Вардар кој е наречен Вруток, од каде што реката Вардар извира. Откако се прошетавме таму, се вративме во автобусот и нашата следна дестинација беше манастирот Јован Бигорски. На ова место сум бил кога бев мал. Таму има една црква каде што запаливме свеќи и имаше еден поп кој ни кажуваше информации за црквата. Оттаму, тргнавме за градот Дебар, и бевме во манастирот Рајчица. Таму бевме многу кратко време, бидејќи сите деца бевме уморни и сакавме да стигнеме во хотелот. Откога се качивме во автобус, тргнавме за градот Охрид, и за неколку часа стигнавме во хотелот. Јас бев сместен во собата 219. Се распакувавме, имавме вечера и на крај имавме диско забава. Вториот ден, се разбудивме, се облековме, појадувавме и бевме да се шетаме. Прво бевме во тврдината на кралот Самоил, позната како Самоилова Тврдина. Таму се сликавме и потоа бевме во црквата Св. Климент Охридски Плаошник каде што Св. Климент Охридски бил погребан. Вечерта имавме забава на тема: „Покажи што знаеш”. Исто така гледавме и фудбал. Тој ден многу врнеше, но сепак си поминавме многу убаво. Третиот ден ми беше најубав. Се качивме во автобусот и тргнавме за градот Струга. Бевме во селото Вевчани. Најпрво бевме кај Вевчанските Извори,  а на мене многу ми се допаѓаше ова место бидејќи се почувствував како да сум во природа. Потоа бевме во Природно-научниот музеј со препарирани животни. Таму имаше интересни животни како на пример: теле со две глави, мечка стара стотина години, ѓаволска птица и слично. Овој музеј многу ми се допадна и ме инспирира. Следно бевме во спомен-куќата на браќата Миладиновци. Имаше еден чичко што ни кажуваше за минатото на браќата Миладиновци Димитар, Константин и Наум. Кога завршивме со посетите, ручавме и потоа се подготвивме за да одиме во слаткарница, да го славиме роденденот на нашата верна другарка Лина. Овој ден на мене многу ми се допадна. Четвртиот ден бевме во наколната населба позната како Заливот на коските. Таму имаше куќи изградени од глина, дрво и трска. Нашите наставнички се пошегуваа со нас дека вечер ќе спиеме во една од куќите. Исто така, таму имаше музеј со предмети направени од животни. Потоа бевме во црквата Св. Наум, каде што Св. Наум бил погребан. Кога ќе легнеш на неговиот гроб, се слуша неговото срце како чука. Вечерта имавме маскенбал и пижама забава.  И овој ден исто така многу ми се допадна. А, петтиот ден си ги спакувавме куферите и тргнавме за градот Крушево. Бевме во спомен-куќата на Тоше Проески и неговиот гроб.

Тоа се сите мои посетувања, се надевам дека и вие уживавте, ова ми остави еден голем впечаток што никогаш нема да го заборавам.


                      Импресии од наставата во природа

 напишано од Ангела Крстевска 5-1одделение

Јас сум петто одделение.На 8ми мај тргнавме накај Охрид за настава во природа. Наставата во природа ми беше многу интересна. Впечаток ми остави тоа што во Вевчани имаше многу водопади. Исто така, впечаток ми остави тоа што во природонаучниот музеј имаше препарирани животни и инсекти кои беа многу интересни,како на пример телето со две глави. Кога ни го раскажуваа животот на браќа Миладиновци остави голем впечаток за мене. Времето не ни се погоди бидејќи скоро секој ден врнеше, но тоа не не спречи да се забавуваме. Кога се враќавме накај Скопје застанавме во Крушево,каде што бевме во спомен куќата на Тоше Проески. Бевме во Заливот на коските каде што имаше колци од минатото. Куќичките беа направени од различни материјали од природата. Во куќичките имаше кожа од животни, во една од куќичките имаше глава од мечка. Во Св.Наум видовме каде извира реката Црн Дрим. Во манастирот Св Наум слушнавме како му чука срцето и запаливме свеќа. Се што посетивме ми остави голем впечаток, но најмногу впечаток ми остави нашата дружба. Оваа настава во природа долго ќе се памети и ќе се зборува меѓу нас другарите.


Настава во природа, 2023 година

Извештај на одделенски наставник V1

Марина Божиновска Тасевска

              Со голема еуфорија, со силно чукање на срцата на петтоодделенците и со спремни куфери, на 8 мај сите собрани на последна постојка на атобусот 51, во с.Драчево, со автобус тргнавме на пет -дневната екскурзија со главна дестинација Охрид. Ние класните раководители Марина, Сузана и Анета со директорката, со водичот, докторката и шоферот тргнавме со овие умни глави на настава во природа.

Со пеење песни стигнавме на првото место според маршутата за посета, Шарената џамија во Тетово. Со имресии колку убаво е навистина шарено насликана, се сликаа сите ученици за убав спомен од неа. Следна посета за овој ден беше изворот на реката Вардар, Вруток. За впечатоците сеуште зборуваат колку била убава и чиста природата, миризбата на јоргованчињата, шумот на водата,... Убавина...

Убавина која неможе да се опише најдетално ако не ја видиш со свои очи е природата и на Бигорскиот манастир. Се искачивме до горе со сите ученици, сонцето не следеше а горе мир, тишина,... Сите запалија свеќи и молитва за добро здравје. Откако разгледавме се, направивме и многу фотографии. Полека се симнавме надолу бидејќи имавме уште една црква за посета.

На околу 15 километри од манастирот Св.Јован Бигорски, пред влезот во Дебар, на самиот пат натаму, во истоименото село се наоѓа женскиот манастир Рајчица. Овој манастир е еден од најубавите македонски манастири, сместен во прекрасна природа со спокој и мир. Една од монахињите кои се грижат за овој манастир не пречека и им раскажуваше на учениците за настанувањето, за градењето и живеењето тука. Најмногу ги привлече информацијата дека моштите од дланката на Св. Георгиј се вградени во рака која е изработена од сребро и злато и украсена со рубини. Сите кои доаѓаат тука се поклонуваат пред неа.

Тргнавме накај Охрид поминавме покрај Дебарското и Глобочинското Езеро.

Околу 17 часот стигнавме во Охрид, се сметивме во хотелот Сити Ин, таму топло не пречекаа и учениците малку изморени од патот и посетите, со нетрпение чекаа да си се сместат во собите. После краток одмор дојде време за вечера, таму не пречекаа тетките од кујната со насмевка и гостопримство. Сите со полни стомачиња, се качивме во салата да ја потполниме немата карта на Македонија за поминатиот пат и посетите од денешниот ден. Веќе уморни но секој ученик си ја знаеше задачата, да си пишува дневник со впечатоците од поминатиот ден и потоа веќе совладани од сон сите запаа.

Нареден ден 9.5., сите после доручекот иако росеше, со чадорчиња се качивме до Самуиловата тврдина и дождот не не спречи да ја посетиме и црквата Св.Климент и Пантелемон, во месноста Плаошник, во стариот дел на Охрид, која е направена во чест на Св.Климент Охридски. Како што е и името на нашето училиште.

Се вративме на ручек во хотелот а потоа и на работа, потполнување на немите карти и после вечерата забава ,,Покажи што знаеш”, и навистина децата беа креативни и интересни.

10.5. ден среда, сите наспани, утринска гимнастика и доручек. Потоа сите со насмевки на лицата тргнавме во општина Вевчани на Вевчаниските извори. Воодушевени од изворите и уживањето во природата не пропуштивме да направиме и многу фотографии.

Во Струга , убав ден, сонце, посетивме ,,Музеј на препарирани животни и ја посетивме ,,Куќата на Браќата Миладиновци”.  Прошетка низ Струга, покрај реката Црн Дрим.

После ручекот, малку одмор и правевме оригами, решававме задачи, литературно читање,...

Вечерта на роденденска забава, на торта и сокчиња во слаткарница.

11.5. сите будни на утринска гимнастика, доручек и спремни за да посетиме ,,Заливот на коскитеи манастирот Св.Наум.

Водичот по ред се им објаснуваше, интересните факти да ги запомнат за во дневникот да ги запишат, фотографии направени и убавината на Св. Наум никого не остави рамнодушен. Тука доаѓаат бројни намерници да го посетат гробот на светителот. Тука се верува, кога ќе го ставите увото на неговиот гроб, се слуша чукањето на неговото срце. Секој ученик го слушна. Сите сакаа да си купат по нешто за спомен и за некого за нив значаен.

Се вративме во хотелот, ручек па малку слободно време за интерактивни игри и пишување извештај за впечатоците од посетата на Св.Наум. По вечерата спремање за масенбал.

 Сите радосни дека сме заедно но и тажни дека тоа е последниот ден таму, многу убаво дружење, учење, посети, игри,... Пижама парти со музика за крај на денот.

Петок, 12.5. после доручекот, пакување, и поздравување со персоналот од хотелот. Презадоволни од нивните услуги се заблагодаривме и поздравивме до следно видување. Тргнавме за Крушево, градот познат по нашата музичка легенда Тоше Проески. Пеење на неговите хитови во автобус, разговор за неговите дела, песни, настапи, за неговиот живот,...

Стигнавме во ,,Спомен куќата на Тоше Проески”, иако ние наставничките веќе не знам кој пат ја посетуваме Спомен куќата, солзите не можевме да ги задржиме гледајќи ги восочните фигури од Тоше. Таму топло не пречекаа, секое ќоше од музејот им го објаснија на учениците. Во тетратката на впечатоци учениците запишаа: ,, Возрасните посакуваат да е само еден лош сон, а ние посакуваме да те имавме во ова време. Тоше, те сакаме сите.Потоа го посетивме и гробот на Тоше, тага до небо. Сакавме да им го доближиме Тоше, да го запознаат и да го ценат како и ние.

Сликање, возбуда, магнетчиња за дома и да не го заборавиме крушевскиот локум познат наделку.

По пат накај дома пеење песни, по некое сонче, уште некоја фотографија и уште некој спомен за долго долго раскажување.

Сите безбедно, задоволни стигнавме и не пречекаа родителите со насмевки и прегратки.

Ви благодариме за довербата, дружбата и незаборавното искуство со оваа генерација на ученици, наставнички и родители.

 









 




No comments:

Post a Comment